! Уписи 2020/2021

Почнувајќи од академската 2018/19 година, Катедрата за геотехника при Градежен факултет и Друштвото за геотехника на Македонија започнаа со покривање на школарината во текот на три години за петмина студент/ки кои ќе се запишат на студиската програма по геотехничко инженерство, која пракса ќе се продолжи во идната година. Во меѓувреме, промотивни материјали се оставени во поголем број на средни училишта низ Р. Македонија, а заинтересираните ќе може повеќе информации да добијат по електронски пат од лицата прикажани во менито контакт.

Сè што човекот ќе направи, а не лета, лебди или плови, е врзано за тлото: почви или карпи. Меѓу тие „продукти“ се и градежните објекти, бидејќи се градат или на (куќи, згради, мостови, хали, стадиони, платформи, ветерници…) или во (тунели, мелиоративни системи, пристаништа, површински копови, каменоломи…) или од тло (патишта, брани, железници, аеродромски писти, насипи за заштита од поплави, хидројаловишта…). Дополнително, за изведба на подлабоките делови на објектите (метроа, подземни делови на катни гаражи, трговски центри и други објекти од високоградба…), неопходно е да се спречи обрушување на тлото и објектите околу предметниот, како и да се оневозможи дотекување на површинска и подземна вода, што е посебен предизвик во градежната оператива заради заштита на човечки животи, елиминирање на економски штети и формирање на услови за изградба, а е во надлежност и на геотехниката. Во општеството посебно се нагласени безбедносните и еколошките аспекти, преку спречување на свлечишта и одрони, примена на современи материјали, правилно позиционирање, проектирање и експлоатирање на депонии, ползување на геотермалните потенцијали за енергетска ефикасност на градежните објекти, изнаоѓање на идеи и можности за апликација на нус-продукти од фабрики, практикување на зелени покриви, санација на загадени почви итн., во кои полиња геотехниката има значаен удел и одговорност.

За да може да даде квалитетен придонес, геотехничкото инженерство обединува дисциплини од областа на градежништвото, геологијата, рударството, заштитата на животната средина и сл., па делумно и археологијата. Во најголем број случаи, нејзината цел е обезбедување на сознанија за квалитетот и својствата на тлото преку спроведување на теренски и лабораториски испитувања, и нивна примена во истражувањето и анализирањето на влијанието на објектите врз тлото и vice versa, вклучувајќи и при дејство на земјотрес, а понатака и набљудувања и контролни мерења во текот на изведбата и користењето на објектот.

Иако, хронолошки гледано, геотехничките принципи биле почитувани и применувани во неимарската пракса уште одамна, за што сведочат стабилните објекти објекти изградени пред стотици и илјадници години (тврдини, верски објекти, мостови итн.), почетоците на современата геотехника во Р. Македонија датираат од формирањето на Техничкиот факултет во Скопје во 1949 год., кога е основана и сегашната Катедра за геотехника, заедно со соодветната лабораторија. Куриозитет е дека тоа се случува само дваесетина години по формирањето на првата поголема геотехничка лабораторија во светот, податок што е привилегија и обврска, за да оттогаш па наваму, континуирано се набавуваат, развиваат и надградуваат лабораториски инструменти, теренска опрема, компјутери, софтвери, учебници, книги, стандарди итн., кои се основни предуслови и вообичаено се користат и применуваат во наставата на сите три циклуса на студии по геотехника и градежништво. На таков начин, успешно се едуцираат и профилираат и геотехнички инженери и градежни инженери со познавања од геотехниката, а што, рамноправно со останатите предмети и области кои се изучуваат на Градежниот факултет, е неминовно за да еден објект се проектира и изведе да биде стабилен, сигурен и функционален во предвидениот период на користење, без непланирани и скапи издатоци за санација. Ова е значајно и од причина што уште одамна е констатирано дека негрижата кон оние делови од објектите што се под земја води кон скапа освета, како и дека за геотехничките работи секогаш ќе се плати – без оглед дали истражувања и испитувања на тлото ќе се прават или не. Впрочем, актуелните случувања со изградбата на автопатот Кичево-Струга опоменуваат и сведочат…

! Уписи 2020/2021